Mahmut Atanur
13 Мај 2018•Ажурирај: 14 Мај 2018
ЏАКАРТА (АА) - Во денешните бомбашки напади врз цркви во индонезискиот град Сурабаја, загинаа најмалку 13 лица, а 41 се повредени. Одговорноста за нападите ја презеде терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Бомбашките напади беа изведени утринава врз три цркви во градот сместен на островот Источна Јава.
Шефот на националната полиција, Тито Карнавјан, потврди дека во нападот загинале 13 лица и дека зад нападот стои семејство, чии шест члена смртно настрадале.
Карнавјан изјави дека покрај родителите, загинале и ќерките на возраст од 9 и 12 години и синовите на возраст од 16 и 18 години.
Семејството претходно престојувало во Сирија, а потоа се вратило во Индонезија. Карнавјан рече дека е утврдено оти било во контакт со терористичката организација „Jamaah Anshorut Daulah“, која била поврзана со ДЕАШ.
Агенцијата „Амак“, медиум поврзан со ДЕАШ, напиша дека оваа организација е одговорна за нападите врз црквите во Сурабаја.
Претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, остро ги осуди нападите и ги повика сите единици во борба против екстремизмот, кој претставува закана за единството и заедништвото во земјата.
Видодо смета дека борбата против тероризмот е можна само со заеднички сили и порача дека овој напад против човештвото нема никаква поврзаност со ниту една религија.
Нападите на католичката црква „Санта Марија“, како и на црквите „Света Педесетница“ и „Дипонегоро“ беа изведени утрово во кратко временско растојание, поради што беа зајакнати безбедносните мерки во Џакарта, Источна Јава и островот Риау.