Laura Gamba Fadul
01 Септември 2023•Ажурирај: 02 Септември 2023
БОГОТА (АА) - Двајца полицајци загинаа, а уште двајца се повредени во бомбашки напад извршен врз патролно возило што се движело по патот што ги поврзува градовите Пуерто Љерас и Фуентедеоро во централна Колумбија, пренесува Анадолу.
Повредените полицајци се префрлени во локалната болница.
Гувернерот на департментот Мета, Хуан Гиљермо Зулуага, за нападот ги обвини дисидентите на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (FARC), група која одби да потпише мировен договор со Владата во 2016 година.
„Нови криминални напади врз нашите полицајци. За жал, имаме двајца убиени и двајца ранети полицајци. Во Пуерто Љерас, дисидентите на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (FARC) активираа експлозивна направа при премин на патролното возило по патот. Истите тие кои зборуваат за мир и прекин на огнот, не престануваат да убиваат и да застрашуваат“, напиша Зулуага на социјалната мрежа Х, претходно позната како Твитер.
Преговорите меѓу Владата и левичарската бунтовничка група ФАРК се одвиваа со низа несогласувања.
Во мај претседателот на Колумбија, Густаво Петро, го суспендираше договорот за прекин на огнот со дисидентите на ФАРК по убиството на четворица млади домородци, кои герилската група насилно ги регрутирала, во департментот Путумајо. Тинејџерите избегале, но подоцна биле пронајдени и убиени со истрел во главата.