свет

Дваесет цивили загинаа во нападите извршени од режимот на Асад и неговите приврзаници во Идлиб во последната недела

Фирас Халифе, одговорен за односи со медиуми во Цивилната одбрана во Идлиб: „Од оние кои го загубија животот во овие напади 5-мина се деца, а 6 се жени“

Ahmet Karaahmet, Mehmet Burak Karacaoğlu  | 14.06.2021 - Обновена : 16.06.2021
Дваесет цивили загинаа во нападите извршени од режимот на Асад и неговите приврзаници во Идлиб во последната недела Foto: Ahmet Hatip/AA

ИДЛИБ (АА) - МЕХМЕТ БУРАК КАРАЏАОГЛУ / АХМЕТ КАРААХМЕТ

Во нападите извршени од режимот на Башар ал Асад и неговите приврзаници во Сирија во последната недела 20 цивили го загубија животот, 36 се повредени, а 1.867 цивили се раселени, јавува Агенција Анадолија (АА).

Според информациите на дописникот на АА базирани на воени опозициски извори, режимските сили составени од режимот на Асад и терористичките групи поддржани од Иран извршија напади во селата Бара, Фатира, Кенсафра, Белјун, Иблин, Ихсим, Белшун, Бејнин, Минтиф, Серџе, Рувејха, Маразаф, Кеферави и Сфухин на југот од Идлиб и селата Анкави, Кахира и Зијара западно од провинцијата Хама.

Опозициската опсерваторија исто така ја сподели информацијата дека руските воени авиони извршиле 17 напади во последната недела врз селата Кеферавид, Муазра, Сфухин, Минтиф, Рувејха и Серџе на југот на Идлиб.

Фирас Халифе, одговорен за односи со медиуми во Цивилната одбрана во Идлиб (Бели шлемови), во изјавата за Агенција Анадолија (АА) истакна дека 20 цивили се убиени, а 36 се повредени во нападите на режимот на Асад во последната недела.

„Од оние што го загубија животот во овие напади 5-мина се деца, а 6 се жени“, рече Халифе.

Мухамед Халај, шефот на Координацијата за дејствување во Сирија, исто така изјави дека режимот на Асад и Русија ги напаѓаат цивилните населби во Идлиб во последните неколку дена.

Според Халај, поради нападите на режимот и неговите приврзаници во последната недела раселени се 1.867 лица.

- Последна ситуација во деескалациската зона во Идлиб

Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место што најмногу е напаѓано од страна на режимот.

На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за 4 деескалациски зони во Идлиб и соседните провинции (Латакија, Хама и Алепо).

Но, режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.

Стотици илјади цивили кои избегаа од нападите, мигрираа кон местата близу границата со Турција.

Исто така, нападите продолжија извесно време и по Договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година од страна на Русија и Турција.

Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција на 17 септември 2018 година, до овој момент, во нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија повеќе од 1.800 цивили.

Бројот на бегалци што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно побезбедни места во близина на границата со Турција и во областите ослободени од операциите „Маслинова гранка“ и „Штитот на Еуфрат“, за една година достигна 2 милиони.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.