БРИСЕЛ
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека границите на Турција се исто така граници на НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган имаше обраќање преку видеопорака на сесијата на Бриселскиот форум со наслов „Придонес во стабилноста“ организиран во рамки на Самитот на претседателите на државите и владите на земјите членки на НАТО.
Турскиот претседател нагласи дека применуваат конструктивна и активна политика преку која преземаат иницијатива во решавање на проблемите на терен.
„Ги водиме и даваме придонес во сите иницијативи за осигурување на стабилноста од Ирак до Авганистан, од Кавказот до Балканот, од Црното Море сѐ до Медитеранот и Африка“, рече Ердоган.
Тој истакна дека во соседските односи ги почитуваат меѓународното право, правдата, како и заемните права и интереси.
„Верувам дека ревитализирањето на каналите на дијалогот со Грција, која е наш сосед и сојузник, е во служба на решавањето на билатералните прашања, како и во служба на стабилноста и благосостојбата на регионот“, додаде тој.
Ердоган подвлече дека една од најголемите пречки што денес стојат пред осигурување на стабилноста, е тероризмот.
„Турција се наоѓа на преден фронт во борбата против тероризмот во сите меѓународни платформи, пред сѐ во НАТО. Вложуваме интензивна борба против повеќе терористички организации како ПКК/ПЈД, ДЕАШ и ФЕТО, во и надвор од нашите граници“, рече тој.
„Ние сме единствениот НАТО-сојузник кој лице в лице се судира со ДЕАШ, и своите млади деца ги дава како шехиди. Во прекуграничните операции неутрализиравме околу 4.000 терористи на ДЕАШ. Во борбата која ја водиме против секаков вид тероризам, за жал не ја видовме поддршката и солидарноста што ја очекуваме од нашите сојузници и партнери“, нагласи Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека не треба да се заборави оти границите на Турција се исто така граници на НАТО, и додаде: „Од тој аспект, знаеме дека презедовме важна одговорност не само за нашите национални интереси, туку и во осигурување на безбедноста и стабилноста на трансатлантскиот регион, и нашите чекори ги правиме со оваа свесност.“
Тој истакна дека Турција се наоѓа меѓу првите пет земји кои даваат најголем придонес во операциите и мисиите на НАТО, и дека се наоѓа меѓу првите осум земји кои даваат најголем придонес во заедничкиот буџет.
Според Ердоган, Турција поседува втора најголема војска во оваа Алијанса, додека како што рече тој, неговата земја игра активна улога во адаптацијата на НАТО против актуелните закани и предизвици.
Ердоган нагласи дека важни се чекорите што ќе ги направат како сојузници, како и придонесот во насока на развивањето на капацитетите на нивните партнери.
„Турција ќе продолжи да помага во осигурување на глобалниот мир, глобалната благосостојба и глобалната стабилност во соработка со своите сојузници и со својата динамична економија, својата моќна одбранбена индустрија и со својата принципиелна надворешна политика“, нагласи турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.