Beril Çanakcı
07 Февруари 2025•Ажурирај: 08 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (AA) – Два синдиката што ги претставуваат вработените во Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) вчера поднесоа тужба против администрацијата на Трамп, оспорувајќи ги нејзините потези за намалување на работната сила во агенцијата и замрзнување на странската помош, објави Си-ен-ен, пренесува Анадолу.
Според извештајот, тужбата е поднесена од организациите „Democracy Forward“ и „Public Citizen Litigation Group“, во име на Американската асоцијација за странска служба и Американската федерација на владини службеници.
Во тужбата, поднесена до федералниот суд во Вашингтон, се тврди дека претседателот Доналд Трамп ги надминува своите овластувања со воведување обемни промени што би можеле да елиминираат илјадници работни места и да го запрат хуманитарниот ангажман низ светот.
Во тужбата се наведени и државниот секретар Марко Рубио и секретарот за финансии Скот Бесент.
Како што објави Си-ен-ен, вработените во УСАИД биле известени дека најголем дел од работната сила ќе биде пуштен на административен одмор или ќе биде отпуштен до крајот на неделата, при што се очекува да останат помалку од 300 вработени.
Внатрешна е-порака, цитирана од повеќе извори, укажува дека речиси сите директно ангажирани вработени ќе бидат пуштени на одмор од петок во 23:59 часот по источно време (04:59 часот сабота по Гринич).
УСАИД е под политички притисок додека администрацијата на Трамп размислува за нејзино спојување со Стејт департментот со цел поефикасна федерална бирократија.
На 20 јануари Белата куќа објави замрзнување на буџетот на УСАИД, повикувајќи се на загриженост за несоодветно поставени приоритети.
Трамп ја суспендираше развојната помош на 90 дена за да ја процени нејзината усогласеност со неговата политика „Америка на прво место“, потег што предизвика загриженост кај глобалните хуманитарни организации.
Во изјава од Белата куќа се наведува дека иницијативите на УСАИД „не се усогласени со американските интереси“ и во некои случаи „го дестабилизираат светскиот мир“.