Furkan Abdula
17 Јануари 2018•Ажурирај: 18 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) – Денес пред Владата на Република Македонија, во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) се одржа протест за подобрување на условите на вработените во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Стотици демонстранти кои се собраа пред зградата на Владата бараа повисоки плати, исплата на К-15 во јавниот сектор, пристојна работа без притисоци на работното место и почитување на законите кои ги штитат нивните права.
Тие носеа транпаренти на кои пишуваше: „Почитувајте ги и спроведувајте ги законите“, „ДА за пристојната работа“, „Сигурни работни места“, „Доста е понижување на јавниот сектор“.
Јаким Неделков, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура, кој се обрати пред присутните во име на КСС, истакна дека е цврсто уверен оти гласот на работниците во Македонија ќе допре до надлежните институции, особено до Владата на Република Македонија, и до ресорните министерства.
„Веќе подолго време работниците во Македонија изразуваат незадоволство во однос на социјалниот статус на вработените во јавниот сектор. Неприфатливо и неприменливо е таквиот однос на селективно зголемување на платите, согласно минималната плата на национално ниво. Ние го поздравивме носењето на сумата за минималната плата и укажавме благовремено дека веднаш треба да се пристапи кон усогласување и на другите плати во јавниот сектор согласно минималната плата“, нагласи Неделков, истакнувајќи дека тоа до денес не е сторено.
Неделков рече дека постои селективно зголемување на платите само во неколку дејности, и дека нивните колеги во јавниот сектор, односно најголемиот број од нив, не се предвидени за зголемување на нивните плати.
Тој потсети дека просечната плата на национално ниво изнесува 23.365 денари, и додаде дека тие се 20 отсто под минималната плата, и дека веќе јавниот сектор е социјална категорија.
„Нека биде овој ден кога вие работниците, вие членовите на синдикатите ќе не туркате, и од нас повеќе ќе барате ангажман заедно со вас да си ги оствариме нашите права, да го заслужиме она што ни следува согласно законите, да го заслужиме достоинството на нашата професија“, рече Неделков.