Admir Fazlagikj
17 Јануари 2018•Ажурирај: 18 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што информираа од Владата на Република Македонија, Столтенберг вечерва пристигнува во Скопје, а утре ќе има средби со највисокиот државен врв и ќе се обрати пред пратениците во Собранието на Република Македонија.
Според најавеното, генералниот секретар на Алијансата ќе се сретне со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со министрите за надворешни работи и за одбрана Никола Димитров и Радмила Шекеринска, со лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, како и со лидерот опозицијата, Христијан Мицковски.
Во рамките на посетата, како што информираа од Владата, предвидена е заедничка прес-конференција на Столтенгерг и премиерот Зоран Заев.
Од Владата брифираа дека генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, во земјава доаѓа на покана на премиерот Заев, потсетувајќи дека двајцата функционери имаа средба во јуни минатата година во Брисел.
Со посетата на генералниот секретар на НАТО Алијансата на Република Македонија, велат од Владата, се праќаат неколку клучни пораки меѓу кои дека НАТО е заинтересиран за Балканот, како и дека Република Македонија е од стратешки интерес и за НАТО и за Балканот.
Се очекува да биде реафирмирана поддршката на НАТО за Македонија во однос на владините реформи и заложби на патот на интегрирањето во Алијансата.
Ова ќе биде прва посета на Столтенберг на Македонија, која се случува во период на интензивирано спроведување на реформите, обновените преговори за името со Грција, како и во период на зголемени очекувања Македонија да добие можност за интегрирање во НАТО.
Инаку, генералниот секретар на НАТО по речиси четири години доаѓа во посета на Р. Македонија. Последен пат, генералниот секретар на НАТО беше во посета на Македонија во мај 2014 година. Тогаш Андерс фог Расмусен пристигна во проштална посета, при крајот на неговиот мандат, и се сретна со највисокиот државен врв во земјава.