Şenhan Bolelli
09 Февруари 2019•Ажурирај: 10 Февруари 2019
МАДРИД (АА) - На повик на водечките синдикати, илјадници жители на Италија излегоа на улиците на главниот град Рим под слоганот „Иднината на работа“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Организаторите на протестите се Италијанската генерална конфедерација на трудот (CGIL), Италијанската конфедерација на синдикатите на работниците (CISL) и Националниот работнички синдикат (Uil).
Откако економијата на оваа земја влезе во рецесија, претставниците на синдикатите на денешениот протест во Рим упатија повик до коалициската Влада на Италија да ја промени економската политика.
Генералната секретарка на Италијанската конфедерација на синдикатите на работниците (CISL), Анамарија Фурлан, во изјава за медиумите порача дека Владата од виртуелниот свет треба да се врати во вистинскиот, деловен свет.
„Потребно е Владата да го промени својот правец во економијата. Присутна е рецесијата и Владата сигурно треба да го менува правецот. По долгогодишното самопожртвување со кое беа соочени Италијанците, не можеме да дозволиме економијата повторно да забележи пад. Владата не треба да влегува во судир со синдикатите, бидејќи никој не е во состојба сам да реши ваков сложен проблем“, рече Фурлан.
Таа додаде дека економијата на Италија во втората половина од 2018 година забележала пад на индустриското производство, и дека економските показатели се негативни.
Демонстрантите на плоштадот „Сан Џовани“ носеа транспаренти и извикуваа пораки со критики кон актуелната власт. Тие порачаа дека оваа година на италијанската економија ѝ се предвидува раст од само 0,2 отсто, со што, како што истакнуваат синдикалците, иднината на оваа земја би била ставена под голем ризик.