Mustafa Deveci
09 Април 2018•Ажурирај: 10 Април 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - МУСТАФА ДЕВЕЏИ -
Израелските безбедносни сили на 6 април го убија палестинскиот новинар Јасер Муртаџа кој го следеше „Маршот на големото враќање“, а тоа убиство уште еднаш покажа дека палестинските новинари на должност се соочуваат со големи закани, пишува Anadolu Agency (AA).
Муртаџа во моментот кога е убиен носел шлем и елек со натпис „Press“, што предизвикало големи дискусии за тоа дека израелската војска намерно ги цели палестинските новинари.
Според податоците на Меѓународната организација за заштита на новинарите (CPJ), во изминатите 18 години војската убила најмалку 24 новинари.
Меѓу убиените новинари во израелските напади има 21 Палестинец и тројца странци.
Поголемиот дел од тие новинари израелските војници ги убиле со куршуми од огнено оружје.
Израелските сили од 8 јули до 27 август 2014 година извршија обид за окупација на Газа во кој животот го загубија 2.100 Палестинци и 73 Израелци. Меѓу загинатите Израелци 66 се војници.
Според податоците на организацијата „Новинари без граници“, во тој израелски обид за окупација на Газа убиени се најмалку 12 новинари, меѓу кои 11 Палестинци.
Една од метите на израелските воздушни напади летото 2014 година беше и зградата на телевизијата „Ал Акса“ во Газа. Израелските сили признаа дека зградата на телевизијата која ја обвинуваат дека е блиска со палестинското движење Хамас, била намерно гаѓана.
Во извештајот на ОН се наведува дека израелските сили во Газа уништиле објекти на најмалку осум медиумски куќи и семејни куќи на најмалку 16 палестински новинари.
Комитетот за поддршка на палестинските новинари соопшти дека во моментот, во притвор во израелските затвори се наоѓаат најмалку 28 палестински новинари. Поголемиот дел од нив со месеци во затворските келии чекаат започнување на судска постапка.
Активистите за заштита на човековите права од Палестина предупредуваат дека новинарите сè почесто се жртви на нападите на израелските безбедносни сили.
Синдикатот на палестински новинари соопшти дека Израел во текот на минатата година ги прекршил правата на најмалку 740 новинари на окупираниот Западен Брег и во блокираната Газа.
Загрозувањето на правата на новинарите се однесува на нелегалното апсење, ранување со огнено оружје, спречување во извршување новинарски задачи и затворање на медиумски куќи.
Тоа е за 33 отсто поголемо кршење на новинарските права во однос на 2016 година.
Палестинската новинска агенција ВАФА јавува дека израелските сили во текот на месец март ги прекршиле правата на најмалку 28 палестински новинари.