Ali Murat Alhas
20 Јуни 2019•Ажурирај: 21 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, по повод Светскиот ден на бегалците изјави дека сочувствува со повеќе од 70 милиони лица кои бегаат од војните, прогонот и судирите, пренесува Anadolu Agency (AA).
„На Светскиот ден на бегалците моите мисли се со повеќе од 70 милиони жени, деца и мажи - бегалци и раселени лица - кои биле принудени да побегнат од војната, прогонот и судирите“, изјави Гутереш.
Тој истакна дека 70 милиони претставува зачудувачка бројка, двојно поголема во однос на онаа од пред 20 години.
Тој додаде дека поголемиот дел се принудно раселени од Сирија, Авганистан, Јужен Судан, Мјанмар и Сомалија.
Гутереш исто така се осврна и на „хуманоста“ на земјите кои ги примиле бегалците.
„Тие, исто така се носат со своите економски предизвици и безбедносни прашања. На нивното гостопримство мораме да возвратиме со развој и инвестиции“, додаде Гутереш.
Во извештајот на Агенцијата на ОН за помош на бегалците (УНХЦР) се наведува дека 70,8 милиони луѓе во светот се принудно раселени, што значи дека таа бројка се зголемила за 2,3 милиони од крајот на 2017 до крајот на 2018 година.
Во првата група се бегалци, чиј број во 2018 година изнесувал 25,9 милиони. Во втората се интерно раселени лица чиј број изнесува 41,3 милиони и 3 милиони баратели на азил.
Турција се наоѓа меѓу земјите кои згрижуваат најголем број бегалци во светот - околу 3,7 милиони, од кои речиси 3,5 милиони од Сирија.