Övünç Kutlu
11 Септември 2020•Ажурирај: 12 Септември 2020
ВАШИНГТОН
Шумските пожари кои избија на подрачјето на американската сојузна држава Калифорнија и нејзините северни соседи и понатаму се закануваат на тамошните жители, а бројот на загинатите лица вчера достигна 10, јавува Агенција Анадолија (АА).
Службениците на округот Бат на северниот дел на Калифорнија вчера пронајдоа 7 тела, само еден ден откако се пронајдени 3 тела, а 16 лица и понатаму се водат за исчезнати.
„Откако вчера малку се смирија критичните временски услови што влијаеја на пожарите, пожарникарите во потполност го ставија под контрола едниот од поголемите бројни пожари во сојузната држава“, соопштено е од Калифорниската служба за шумарство и заштита од пожари (CalFire).
Тие наведоа дека во средата избиле 37 нови пожари, од кои поголемиот дел биле брзо запрени, но два прераснале во големи пожари. Порачаа дека околу 14.000 лица се ангажирани во гаснењето на 29-те големи пожари на подрачјето на Калифорнија која има околу 39,5 милиони жители.
„Ова е првпат во последните 33 години пожарите да зафатат повеќе од 2 милиони хектари“, изјави Лин Толмачоф, портпаролката на противпожарната служба на Калифорнија.
Во државата Орегон, северниот сосед на Калифорнија, околу 500.000 лица се евакуирани од своите домови, што е повеќе од 10 отсто од 4,2 милиони жители на таа американска држава.
Официјалните претставници на Орегон изјавија дека пожарникарите се борат со пожари кои зафатиле рекордни 900.000 хектари од шумските предели низ државата. Од вчера изутрина на подрачјето на Орегон се регистрирани вкупно 39 истовремени пожари.
Во северниот сосед на Орегон, државата Вашингтон, силни ветрови заедно со високи температури предизвикаа брзо ширење на десетици шумски пожари од понеделникот. Околу 587.000 хектари земји изгореа низ државата од средата, што е повеќе од половина од рекордната сезона на пожари во 2015 година кога изгореа околу милион хектари.
Вкупната штета која би можеле да ја предизвикаат шумските пожари оваа година би можела да надмине 800 милиони долари.
Причината за пожарот е топлотен бран кој на западниот брег предизвика рекордно високи температури.