Nur Asena Ertürk
07 Јули 2024•Ажурирај: 08 Јули 2024
АНКАРА (АА) - Гласачите во Франција денес гласаат во вториот круг од изборите за нови членови на Парламентот, откако земјата се најде на клучна политичка крстосница, јавува Анадолу.
Над 43 милиони регистрирани гласачи ќе можат да гласаат за да ги изберат преостанатите 501 член на Националното собрание, долниот дом на Парламентот, за петгодишен мандат.
Избирачките места се отворија во 8 часот, а гласањето ќе трае 12 часа.
Францускиот претседател Емануел Макрон го распушти Парламентот и најави предвремени избори откако крајно десничарскиот Национален собир (RN) освои повеќе од 31 отсто од гласовите на изборите за Европскиот парламент на 9 јуни, победувајќи го неговиот центристички блок.
Првиот круг од изборите се одржа на 30 јуни со излезност од над 65 отсто, каде гласаа над 49 милиони гласачи.
Партијата Национален собир сама освои 29,26 отсто од гласовите, стапка која се зголемува на над 33 отсто кога ќе се комбинира со своите сојузници, според официјалните резултати од изборите.
Левичарската алијанса Нов народен фронт (NFP) доби 28,06 отсто, а центристичката алијанса Заедно за Републиката поддржана од Макрон заврши на третото место со нешто над 20,04 отсто.
На политичка партија или алијанса и требаат најмалку 289 места за да обезбеди мнозинство во Националното собрание.
Некои кандидати добија мнозинство од најмалку 50 отсто во нивните изборни единици и беа избрани во првиот круг, па оттука втор круг нема да се одржи во 76 изборни единици низ Франција, каде Националниот собир доби 37 места, Новиот народен фронт 32 и Заедно две.
Сепак, кандидатите кои во првиот круг немаа 50 отсто сега ќе се борат да постигнат највисок резултат.
Повеќе од 210 кандидати - вклучително 131 од НФП и 82 од Заедно - кои влегоа во вториот круг се повлекоа минатата недела во корист на посилниот кој би можел да има поголеми шанси да се спротивстави на крајната десница.
Стратегијата е едноставна: Кандидатот што ќе се повлече од трката работи на тоа да се избегне делење на гласачките ливчиња спротивставувајќи се на десното крило и така прави простор за друг кандидат кој би можел да има поголеми шанси да победи кандидат на РН.
За неговите идни планови, претседателот Макрон рече дека има намера да остане до следните претседателски избори во 2027 година.
Според законот, нема строг рок за Макрон да номинира нов премиер за формирање Влада.