Ekip
21 Мај 2022•Ажурирај: 23 Мај 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија се соочува со сѐ поголеми критики откако властите минатата недела забранија разни мирни протести, што подигна дебата за правата и слободите во земјата, известува Агенција Анадолија (АА).
Омар Шакир, експерт од „Хјуман рајтс воч“, изјави дека германските власти ги забраниле речиси сите пропалестински демонстрации во Берлин во последните две недели, а полицијата насилно привела неколку луѓе кои сакале да го одбележат Денот на Накба (Големата катастрофа).
„Превентивна забрана на одбележувањето на настаните е екстремно ограничување кое ефективно делува како колективна казна за оние кои сакаат мирно да се собираат, врз основа на шпекулации за потенцијални незаконски дејствија на малцинството“, рече Шакир.
Тој ги критикуваше германските власти поради „неоправданото мешање во правата на слободно изразување и собирање“.
„Фактот дека луѓето изразуваат бес и емоции на демонстрациите не би требало да биде дел од основата на забраната“, рече Шакир.
„Палестина спикс“, платформа која ги собира активистите за правата во Германија, ги осуди властите поради кршењето на Уставот и поткопувањето на основните права и слободи со забраната на сите планирани протести и комеморации.
„Преземаме правни чекори против ова многу чудно очигледно кршење на основните права, а тоа се слободата на изразување и слободата на собирање, загарантирани со Уставот и европскиот закон за човекови права со кој Германија се обврзува“, објави групата на Твитер.
Освен протестите по повод Денот на Накба, германските власти во Берлин го забранија и планираното оддавање чест за новинарката на Ал Џезира, Ширин Абу Аклех, која е убиена додека известувала за израелската рација во близина на бегалскиот камп во Џенин, во окупираниот Западен Брег.
Германските судови тврдат дека во такви демонстрации изминатите години имало антисемитски инциденти, како и дека некои демонстранти ја гаѓале полицијата со шишиња и камења.
Палестинските граѓански лидери во Берлин во повеќе наврати јасно ставија до знаење дека не ги одобруваат антисемитските навреди на демонстрантите, изјавувајќи дека нивна единствена цел им е да ги потенцираат тековните репресивни акции на Израел на окупираните палестински територии.