Ekip
24 Март 2021•Ажурирај: 25 Март 2021
БЕРЛИН
Германската канцеларка Ангела Меркел денеска се повлече од контроверзниот план за целосно затворање на земјата за време на Велигденските празници (од 1 до 5 април), велејќи дека таквиот план претставувал грешка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меркел се извини до нацијата во кратко соопштение издадено од Кабинетот.
„Целиот процес предизвика дополнителна несигурност“, рече таа, додавајќи: „Длабоко жалам за тоа и поради тоа барам прошка од сите граѓани.“
Меркел ја презеде целосната одговорност за својата постапка, велејќи: „Оваа грешка е единствено моја вина.“
Пред избрзаната објава, канцеларката ги информира 16-те претставници на покраинските власти за својата одлука.
„Идејата беше осмислена со најдобри намери“, изјави Меркел, укажувајќи на потребата за забавување на третиот бран од пандемијата.
„Сепак, идејата за строго затворање за време на Велигденските празници беше грешка. Имаше добри причини, но за краток временски период овој план не можеше да се спроведе доволно добро, ако воопшто некогаш може да се спроведе на таков начин во кој би постоел разумен сооднос на трошоците и придобивките“, рече Меркел.
Таа објасни дека премногу прашања не можат да се решат за кратко време, од продолжување на исплатата на платите до состојбата во продавниците и компаниите.
Германските власти синоќа одлучија да ги заострат мерките за затворање на земјата за време на Велигденските празници 1 до 5 април. Оваа одлука наиде на жестоки критики и имаше недоразбирања околу спроведувањето на одлуката.
Стапката на заразување во Германија расте со темпо коешто не е видено претходно. Во декември и јануари имаше рекорден број на заразени лица.
Бројките нагло опаднаа во февруари, но тие повторно растат при што Германија влегува во третиот бран на пандемијата, предизвикан од новите варијанти на вирусот и заразувањето на лица помлади од 65 години.