Ata Ufuk Şeker
24 Март 2021•Ажурирај: 24 Март 2021
БРИСЕЛ
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, истакна дека ќе го следат состанокот меѓу авганистанската Влада и Талибанците за мирно решение на кризата кој ќе се одржи во Турција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бликен даде изјава за медиумите по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО што се одржа во седиштето на НАТО во Брисел.
Истакнувајќи дека на состаноците се разговарало за разни прашања како што се Авганистан, Русија, Кина, епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), климатската криза и иднината на НАТО, Блинкен рече дека тие исто така работеле на подготовка за состанокот што треба да се одржи на ниво на лидерите.
Наведувајќи дека НАТО е клучен елемент на трансатлантската безбедност повеќе од 70 години, Блинкен истакна дека САД се посветени на овој сојуз.
Блинкен изјави дека американските трупи ќе се повлечат од Авганистан кога ќе дојде „вистинското време“, и дека тешко може да се реализира датумот 1 мај утврден претходно.
Тој, посочувајќи дека продолжуваат дипломатските разговори за мирно политичко решение на кризата во Авганистан, нагласи: „Ќе го следиме состанокот меѓу авганистанската Влада и Талибанците за мирно решение на кризата кој ќе се одржи во Турција.“
Блинкен рече дека на состанокот долго се дискутирало за прашањето за Русија, наведувајќи дека Русија го задржува својот „неодговорен и непријателски“ став, дека очекуваат во блиска иднина овие односи да бидат тестирани и дека се подготвени за ова.
Државниот секретар на САД потсети дека земјите членки на НАТО се обврзале да ги зголемат трошоците за одбрана на Самитот во Велс во 2014 година, при што забележа дека сојузниците постигнале напредок во овој поглед.
Истакнувајќи дека финансиските обврски се „важни и витални“, Блинкен нагласи дека воените сили мора да бидат подготвени.
На прашање во врска со сеопфатниот Договор за инвестиции меѓу Европската Унија (ЕУ) и Кина, Блинкен истакна дека Кина е должна да ги спроведе своите обврски за јавни претпријатија и субвенции и дека мора да ги исполни своите ветувања.