Ekipa
25 Март 2021•Ажурирај: 26 Март 2021
РИМ (АА) - Фармацевтската компанија „АстраЗенека“ објави дека околу 29 милиони дози од вакцината против Ковид-19, пронајдени по инспекција во италијанската фабрика, треба да бидат испорачани во Европската Унија (ЕУ) и сиромашните земји преку механизмот Ковакс, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Инспекцијата во погонот „Каталент“ во Анањи, во близина на Рим, ја побара Европската комисија, а беше спроведена во текот на викендот од страна на италијанските безбедносни сили. Претставник на италијанската Влада потврди дека е спроведена инспекција и дека дозите од вакцината пронајдени во фабриката треба да бидат испорачани во Белгија.
„АстраЗенека“ требаше да испорача 300 милиони дози во ЕУ до крајот на јуни, но потоа ја намали целта на 100 милиони.
По намалувањето на залихите, Европската комисија предложи построга контрола на извозот на вакцини против Ковид-19, а за планот треба да разговараат лидерите на ЕУ денес.
„Моментално не е планиран извоз освен во земјите од Ковакс. Вкупно 13 милиони дози вакцини чекаат контрола на квалитетот за да можат да бидат испорачани преку Ковакс“, наведено е од „АстраЗенека“, повикувајќи се на залихите на вакцини пронајдени во фабриката во Анањи.
Преостанатите 16 милиони дози ќе бидат испорачани во Европската Унија во март и април.
Вчера, италијанскиот премиер Марио Драги потврди дека во просек во март се вршеле 170.000 вакцинации дневно и дека целта на Владата е тоа да се зголеми на половина милион.
„Мораме да ги бараме фармацевтските компании целосно да ги почитуваат своите обврски на европско ниво“, рече Драги.