Oliver Towfigh Nia
12 Октомври 2023•Ажурирај: 13 Октомври 2023
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц денес ги поддржа посредничките напори на Туркије, Египет и Катар во конфликтот меѓу Израел и палестинската група Хамас, јавува Анадолу.
„Сите три [земји] можат да играат важна улога во посредувањето и деескалирањето на моменталната ситуација“, рече Шолц во владината изјава до Парламентот, по ескалацијата на војната меѓу Хамас и Израел.
Канцеларот исто така рече дека бил во близок контакт со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, за кој рече дека има добри канали за комуникација со Газа.
Тој додаде дека ќе разговара и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган подоцна во текот на денот.
Шолц ја бранеше планираната средба со катарскиот емир, шеик Тамим бин Хамад ал Тани, закажана за пладне.
„Катар има важна улога како посредник“, рече Шолц.
Германскиот лидер потоа рече дека на критичарите на таквите контакти ќе им каже дека „би било неодговорно да не се користат сите контакти кои можат да помогнат во оваа драматична ситуација. Ова го правиме во тесна координација со Израел и за оние кои беа киднапирани од Хамас“.
Главната опозициска Христијанско-демократска унија ја критикуваше закажаната средба меѓу Шолц и катарскиот емир.
Во меѓувреме, канцеларот рече дека следната недела ќе го прими и јорданскиот крал Абдула Втори, кој, според Шолц, има посебна улога во израелско-палестинските односи.