Bayram Altuğ
29 Октомври 2021•Ажурирај: 01 Ноември 2021
ЖЕНЕВА (АА) – Дваесет и осум земји, меѓу кои Германија и Франција, досегашниот генерален директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, го номинираа за единствен кандидат на изборот за генерален директор на СЗО, што ќе се одржи во мај следната година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на СЗО, Гебрејесус ќе влезе како единствен кандидат за изборот на генерален директор што ќе се одржи во рамките на 75. Светско здравствено собрание во мај следната година.
Се очекува Гебрејесус организацијата да ја води уште пет години. Номиниран е како единствен кандидат од 28 земји членки од вкупно 194 на СЗО.
Земјите кои го номинираа Гебрејесус се: Австрија, Бахреин, Барбадос, Боцвана, Кукови Острови, Хрватска, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Индонезија, Ирска, Казахстан, Кенија, Луксембург, Малта, Холандија, Оман, Португалија, Руанда, Словачка, Шпанија, Шведска, Тонга и Тринидад и Тобаго.
На списокот за номинација внимание привлече тоа што имаше голем број на земји членки на Европската Унија (ЕУ).
Доколку на тајното гласање Гебрејесус биде реизбран, ќе ја води СЗО уште пет години.
Процесот на номинација за генерален директор на СЗО започна во април, а заврши на 23 септември.
Гебрејесус за првпат беше избран за генерален директор на СЗО со добивање на 133 гласа во последниот круг од изборите одржани на 70-тиот состанок на Светското здравствено собрание во мај 2017 година. Неговиот противкандидат беше Британецот Дејвид Набаро.
- Гебрејесус беше на нишан на Трамп -
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја обвини СЗО дека не била успешна во борбата со Ковид-19 и дека била блиска до Кина.
Трамп соопшти дека ја суспендираат финансиската поддршка на организацијата и дека неговата земја ќе го напушти членството во СЗО.