Selen Temizer
29 Октомври 2021•Ажурирај: 30 Октомври 2021
БРИСЕЛ
Петер Стано, портпаролот на Комисијата на Европската Унија (ЕУ), истакна дека сѐ уште се обидуваат да одредат конкретен датум за продолжување на преговорите за Нуклеарниот договор со Иран во Виена, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На дневната прес-конференција што ја одржуваат портпаролите на Комисијата на ЕУ, Стано нагласи дека многу корисна била средбата меѓу иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Али Бакири и заменик-генералниот секретар и политички директор на Службата за надворешни односи на ЕУ, Енрике Мора, одржана во Брисел на 27 октомври.
Портпаролот Стано наведе дека високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, кој е координатор на Заедничкиот сеопфатен акционен план (JCPOA), познат како Нуклеарен договор со Иран, прави напори за повторно започнување на преговорите.
„Работиме со Иран и другите потписнички на ЈСПOA за да одредиме конкретен датум за повторна средба во Виена што е можно поскоро“, нагласи Петер Стано.
Од друга страна, Бакири, по средбата, на својот профил на Твитер најави дека преговорите ќе започнат до крајот на ноември.
Откако Џо Бајден ја презеде функцијата во САД, преговорите за Нуклеарниот договор повторно започнаа на 6 април во Виена, главниот град на Австрија. Одржани беа шест состаноци. Потоа состаноците се прекинаа поради промената на власта во Иран.
Откако иранската Влада соопшти дека ќе се врати на преговорите, контактите ЕУ - Иран, кои беа прелиминарни разговори за преговорите во Виена, продолжија на 14 октомври.