06 Април 2022•Ажурирај: 06 Април 2022
КУДС (АА) - Израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц, рече дека Израел е подготвен да ги прошири граѓанските мерки за Палестинците, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ганц синоќа оствари телефонски разговор со палестинскиот претседател Махмуд Абас за да му го честита муслиманскиот месец на постот, Рамазан.
„Вечерва разговарав со претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас и нему и на палестинскиот народ му го честитав месецот Рамазан“, напиша Ганц во објава на Твитер.
Израелскиот министер рече дека му кажал на Абас за подготвеноста на Израел „да ги прошири своите граѓански мерки за време и по Рамазан сѐ додека тоа го дозволува безбедносната стабилност“.
Ганц рече дека Рамазан и еврејскиот празник Пасха „треба да бидат време на мир и спокојство“, додавајќи дека Израел „ќе продолжи да работи енергично за да спречи штета врз цивилите и безбедносните сили“.
Израел објави серија граѓански чекори за Палестинците по повод Рамазан во услови на познати тензии во окупираниот Источен Кудс (Источен Ерусалим) меѓу Палестинците и Израелците.
Според овие чекори, на палестинските мажи на возраст од 40-50 години ќе им биде дозволено да влезат во Џамијата „Ал Акса“ за да вршат молитви, вклучително и неделната петочна молитва, под услов да добијат валидна дозвола од Израелската армија. Мажите постари од 50 години нема да имаат потреба од одобрение.
Палестинците велат дека новите чекори ги заоструваат ограничувањата за нивниот влез во Џамијата „Ал Акса“.
Џамијата „Ал Акса“ е третото најсвето место во светот за муслиманите. Евреите областа ја нарекуваат „Градот на храмот“, тврдејќи дека тоа било место на два еврејски храма во античко време.
Израел го окупира Источен Кудс, каде што се наоѓа „Ал Акса“, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Го анектира целиот град во 1980 година, потег што никогаш не беше признат од меѓународната заедница.