Mohammed Majed,Çağrı Koşak
08 Март 2023•Ажурирај: 09 Март 2023
ГАЗА (АА) - Во Појасот Газа, што е под израелска блокада, Палестинците протестираа против израелските сили кои убиле 6 Палестинци и раниле 26 лица за време на рацијата во градот Џенин, кој се наоѓа во окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.
Стотици Палестинци се собраа во близина на израелската граница во Газа, протестирајќи против нападот на израелската војска врз бегалскиот камп во Џенин.
Демонстрантите носеа плакати со натпис „Газа и Џенин едно срце“ и „Слобода за палестинските затвореници“, како и слики на Палестинци убиени од страна на израелските сили во Џенин.
Исто така демонстрантите, кои извикуваа слогани против рациите на администрацијата на Тел Авив на Западниот Брег, во својата изјава го осудија убиството на Палестинците од страна на Израел.
- Што се случи?
Шест Палестинци беа убиени, а 26 лица беа ранети во напад на израелски војници во бегалскиот камп во Џенин, кој се наоѓа во северниот дел на окупираниот Западен Брег.
Израелските сили, кои често вршат рации во домовите на окупираниот Западен Брег и Источен Кудс, под различни тврдења приведуваат Палестинци.
Вкупно 74 Палестинци, меѓу кои жени и деца, се убиени од почетокот на годината како резултат на отворен оган од страна на израелската војска и еврејските доселеници.