Ekipa
07 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
ГАЗА (АА) - Израелската армија изведе 14 воздушни и неколку артилериски напади на повеќе локации во Појасот Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
Канцеларијата на палестинското Министерство за внатрешни работи во Газа соопшти дека воздухопловните сили на израелската армија во изминатите 24 часа извеле 14 воздушни напади врз Појасот Газа, во кои се повредени најмалку тројца Палестинци, а уништени се поголем број објекти.
Палестинското движење на отпорот Хамас го повика Израел веднаш да прекине со нападите, и предупреди дека ќе започне акција на отпор доколку израелските напади продолжат.
Војската на Израел вчера изведе серија артилериски напади врз Газа, а портпаролот на израелските сили, Петер Лернер, изјави дека израелските напади врз Газа се одговор на ракетниот напад кој бил изведен вчера наутро од подрачјето на Појасот Газа во израелскиот град Ашкелон.
Ниту една од палестинските групи во Газа досега не презеде одговорност за ракетниот напад кој се наведува како причина за израелските напади.