Ahmed Asmar
19 Декември 2023•Ажурирај: 19 Декември 2023
АНКАРА (АА) - Најмалку 25 Палестинци загинаа во израелските воздушни напади во текот на ноќта врз градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, додека израелските напади врз опколената палестинска енклава влегоа во својот 74-ти ден, јаува Анадолу.
Палестинската новинска агенција Вафа денес објави дека во серија израелски воздушни напади таргетирани се три соседни дома на семејствата на Зороб, Атија и Абдел-Ал, во кои загинале 25 палестински цивили, меѓу кои голем број деца и жени.
Вафа објави дека меѓу загинатите во градот Рафа е и новинарот Адел Зороб.
Во друг израелски воздушен напад врз бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа загинаа петмина Палестинци, од кои четворица браќа од семејството Абу Газал.
„Неодреден број граѓани се убиени и повредени во серија насилни рации источно и северно од Хан Јунис и во Деир ал Балах“, јави новинската агенција.
Во воздушните и копнените напади на Израел врз Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври загинаа најмалку 19.453 Палестинци, главно жени и деца, според здравствените власти во енклавата.
Се смета дека речиси 1.200 Израелци загинале во нападот на Хамас, а над 130 заложници остануваат во заробеништво во Газа.