Ekipa
28 Јануари 2020•Ажурирај: 28 Јануари 2020
ГАЗА (АА) - Стотици Палестинци протестираа денеска во Газа поради блискоисточиот Мировен план, наречен „Договор на векот“, кој се однесува на ставањето крај на палестинско-израелскиот конфликт, кој, како што откри вчера американскиот претседател Доналд Трамп, ќе го презентира денеска, јавува Агенција Анадолија (AA).
Палестинските власти го отфрлаат планот, а палестинскиот претседател Махмуд Абас го отфрли барањето на Трамп за телефонски разговор пред обелоденувањето на планот.
За време на демонстрациите во различни делови на Појасот Газа, демонстрантите реагираа против политиката на САД и Израел. Носеа и транспаренти на кои пишуваше: „Не, за Договорот на векот“, „Да, за националната унија“.
Протестот се одржа и во бегалскиот камп „Ес-Шати“. Наср Ахмед, еден од присутните, на протестот рече дека најавата на планот и наметнувањето на неговата содржина е еднострана практика која го прекршува меѓународното право.
„Се наоѓаме на критична раскрсница“, истакна тој, и предупреди на можноста за реализација на тој план. Ахмед ги повика палестинските групи да стават крај на политичката раздвоеност.
„Договорот на векот“ на Трамп за решавање на блискоисточната криза досега не е претставен на јавноста, а одредени медиуми објавија дека содржи голем број одредби кои одат на штета на Палестинците, вклучително и зачувувањето на нелегалните еврејски населби на Западниот Брег и целосното предавање на Ерусалим под контрола на Израел. Истите извори тврдат дека планот воопшто не го третира правото на враќање на речиси 6 милиони протерани Палестинци.
Палестинскиот премиер Мухамед Иштије изјави дека најавениот Мировен план за Блискиот Исток на американскиот претседател Доналд Трамп е всушност план со кој Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сакаат да ги зачуваат сопствените политички кариери.
„Наводниот Договор на векот е план со кој Трамп сака да се спаси од импичмент, а Нетанјаху од затвор поради корупција. Тоа не е никаков мировен план за Блискиот Исток, туку план за спасување на Трамп и Нетанјаху“, рече палестинскиот премиер.
Укажувајќи на периодот кога американскиот претседател сака да ја објави содржината на планот за решавање на блискоисточната криза, Иштије рече дека е јасно дека Трамп и Нетанјаху сакаат да ги задоволат сите израелски барања и да ја овековечат окупацијата на палестинската земја.
„Палестина никогаш нема да прифати таков план. Ги повикуваме арапските земји да не бидат злоупотребени во тој план и да ја штитат Палестина. Американскиот план е во спротивност со напорите кои арапските, европските и другите земји ги вложуваат во мировниот процес“, додаде Иштије.