Ekipa
28 Јануари 2020•Ажурирај: 29 Јануари 2020
ИДЛИБ (АА) - Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, со поддршка на воздушните сили на Русија, зазедоа 15 населби на југоисточниот дел на Идлиб и под опсада го ставија најголемото подрачје во тој регион, Маарат ал Нуман, јавува Агенција Анадолија (АА).
Силите на режимот на Асад и придружените проирански страни на терористичките групи ја продолжуваат копнената офанзива во јужниот и југоисточниот дел на деескалациската зона во Идлиб.
По жестоките судири, силите на Асад зазедоа 15 населби и под опсада го ставија Маарат ал Нуман, подрачјето чиј центар е под контрола на силите на сириската опозиција и антирежимските групи.
Маарат ал Нуман е најголемо подрачје во областа Идлиб и од ноември 2012 година е под контрола на сириската опозиција.
Поради жестоките напади на режимските и руските воздушни сили, од Маарат ал Нуман во изминатите три месеци се раселени 300.000 цивили.
Станува збор за град кој се наоѓа 40 километри јужно од центарот на Идлиб, а важен е и поради тоа што преку него поминува Автопатот М5 кој се протега по линијата Алепо-Идлиб-Хама-Хомс-Дамаск и ја поврзува Сирија со Јордан.
Пред почетокот на сириската војна, во Идлиб живееја 2 милиони луѓе, а со почетокот на војната, поради жестоките судири бројот на жителите е преполовен. Во март 2015 година сириските опозициски сили го зазедоа Идлиб и тој оттогаш претставува своевидно средиште на сириската опозиција.
Идлиб така стана прибежиште на раселените лица, па во моментот во тоа подрачје живеат 4 милиони луѓе кои се цел на постојани напади на режимските сили и на руските сили што се приклучија во војната во октомври 2015 година.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, во текот на преговорите во мај 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за деескалациска зона. Во Сочи на 17 септември 2018 година е постигнат дополнителен договор за примирје во Идлиб и воспоставување деескалациска зона.
Согласно договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, но силите лојални на Асадовиот режим не ги сопреа артилериските и воздушните напади во тој регион.
Од потпишувањето на тој договор во нападите на Асадовиот режим и неговите сојузници во Идлиб во изминатата година се раселени над 1,3 милион луѓе. Во нападите загинаа најмалку 1.600 цивили.