Mahmoud Barakat
21 Ноември 2019•Ажурирај: 22 Ноември 2019
ГАЗA (AA) - Неодамнешниот масакр извршен од израелската армија против семејството Ал Саварка во Појасот Газа потсети на крвавата историја на масакри врз палестинските семејства, јавува Агенција Анадолија (АА).
Најмалку 692 лица од 133 палестински семејства во Газа загинаа од израелските сили од 2006 година, според извештајот подготвен од АА, заснован на извори за човекови права.
На 14 ноември, 8 члена од семејството Ал Саварка, вклучувајќи 5 деца, загинаа во израелски воздушен напад, извршен врз нивниот дом во градот Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа.
Воздушниот напад се случи во текот на дводневната воена ескалација по убиството на Баха Ебу ал Ата, постар командант на „Исламски џихад“ и неговата сопруга Асма, во воздушен напад врз нивниот дом во источниот дел на Појасот Газа.
Блокираниот Појас Газа беше подложен на три израелски војни во 2008, 2012 и 2014 година, за чие времетраење имаше голем број жртви.
Еден од најочигледните масакри извршени од израелските окупаторски сили врз семејствата во Газа се случи во летото 2006 година, кога израелските воени бродови го гранатираа брегот на градот Беит Лахија во северниот дел на Газа.
Семејство од 9 лица загинаа, а само една девојка преживеа, која се појави на медиумите врескајќи од шок.
Во ноември истата година, израелската артилерија отвори оган кон станбено соседство на границата, источно од Беит Ханун во северниот дел на Појасот Газа, при што загинаа 19 лица од семејството Атамна - половина од нив беа деца.
За време на војната 2008-2009 година, 29 лица од семејството Ал Самуни беа убиени во населбата Шејаја во јануари 2009 година.
Во 2014 година, 26 лица од семејството Абу Џаме беа убиени во Кан Јунис во јужниот дел на Газа.
Семејството Даја од населбата Заитун во Газа загуби 22 лица во јануари 2009 година, а семејствата на Ал Наџар и Абу Џабр загубија 20 лица во јули 2014 година.
На 1 август, за време на војната во 2014 година, повеќе од 200 Палестинци беа убиени во гранатирање на израелската артилерија во градот Рафа, при што 23 семејства загубија три или повеќе луѓе во нападите.
Палестинците велат дека не очекуваат таргетирањето на палестинските семејства да престане, во отсуство на каква било одговорност од меѓународната заедница за прекршувањата од Израел.