Ekip
13 Декември 2021•Ажурирај: 14 Декември 2021
ОВИЕДО
Ерупцијата која е во тек на шпанскиот остров Ла Палма во неделата се запиша во историјата како најдолгата локална ерупција до сега, јавува Агенција Анадолија (АА).
Спектакуларната вулканска активност која започна на 19 септември продолжува да исфрла чад и пепел со километри во воздухот, заканувајќи им се на повеќе згради и земјишта, додека ѕидот од лава полека напредува.
По 84 дена и без знаци дека ќе запре, урнат е претходниот локален рекорд на најдолга ерупција од 1585 година, кога вулканот Тахуја ги изненади жителите на Ла Палма.
„Сите мислеа дека тоа е крајот на светот“, напишал италијанскиот инженер Леонардо Ториани (1559 -1628), кој бил сведок на ерупцијата во 16-от век и подоцна објавил книга во која ги опишува Канарските острови.
Тој опишал дека луѓето можеле да видат како вулканот создава „огромни порои на оган, чад и пепел“ преку ден и „оган и пламен“ преку ноќ.
Неговите описи на ерупцијата од 1585 година наликуваат на она што се случува на островот веќе 12 недели.
Илјадници луѓе се раселени бидејќи лавата неселективно проголта цели населби, домови, обработлива земја, плажи, патишта, училишта, цркви и бизниси.
Според сателитските снимки, ерупцијата до сега уништи повеќе од 3.000 градби и 1.184 хектари земјиште.
И покрај тоа што ерупцијата забави во изминатите денови, во недела, повторно ја потврди својата активност со огромни облаци чад и пепел.
Иако научниците беа во можност да предвидат кога ќе започне ерупцијата, за разлика од 16-от век, тие сѐ уште се многу несигурни кога вулканската активност ќе заврши.
Научниците сметаат дека според некои показатели е можно ерупцијата да заврши до крајот на годината, но сепак остануваат многу шпекулации во врска со тоа.
Низ познатата историја на сите осум шпански Канарски острови, само три ерупции траеле подолго од оваа: една во 1824 година во Ланзароте која траела 86 дена и друга во Тенерифе во 1789 година која траела 99 дена, и шест годишната ерупција на Тиманфаја во Ланзароте која започна во 1730 година.