Ekipa
22 Мај 2018•Ажурирај: 23 Мај 2018
ПАРИЗ (AA) – Вработените во јавниот сектор во Франција стапија во штрајк поради незадоволство од владиниот план според кој, до 2022 година би се укинале 120.000 работни места, јавува Anadolu Agency (AA).
Во заедничкиот повик на девет синдикати се бара зголемување на платите и се оспорува сè почестата практика на краткорочни договори за кадрите во јавниот сектор.
Тоа е трет штрајк на вработените во јавниот сектор во Франција од минатогодишното доаѓање на Емануел Макрон на функцијата претседател на земјата.
Во текот на предизборната кампања Макрон вети намалување на јавната потрошувачка и ревидирање на Законот за работни односи во Франција.
На денешниот штрајк му се придружија и контролорите во францускиот воздушен сообраќај, што доведе до откажување на бројни летови во таа земја.
Француската Влада преговара со претставниците на синдикатите и најавува дека реформата на Законот за работни односи ќе биде на дневен ред наредната година.