Emre Karaca
05 Август 2019•Ажурирај: 07 Август 2019
АНКАРА (АА) - Луѓето што питачат на улиците во градот Ескилстуна, во јужниот дел на Шведска, ќе треба да платат 21 евро за да добијат лиценца за питачење, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според весникот „Гардијан“, ќе им се изрече парична казна од 342 евра на лицата што ги немаат потребните документи за питачење. Лиценците ќе се издаваат за 3 месеци.
Наведено е дека лицата кои питачат ќе можат да ги пополнат потребните документи преку интернет или во полициските станици. Новата мерка во градот стапи на сила на почетокот на овој месец.
Во изјавата за медиумите, советникот во Општината, Џими Јансон, истакна дека мерката е наменета за отежнување на питачењето.
Невладините организации ја критикуваа мерката, тврдејќи дека ова ќе ги донесе во уште потешка положба ранливите лица кои доаѓаат од Романија и Бугарија за да питачат.
Томас Линдрос, вработен во добротворната организација „Stadsmission“, истакна дека новите мерки ќе ја зголемат експлоатацијата, а исто така и криминалните групи во регионот ќе може да ги злоупотребуваат питачите.
Во Шведска почна да се применува забрана за питачење откако Врховниот суд во декември ја потврди забраната за питачење воведена во градот Велинге и во некои други шведски градови.
Според шведскиот државен канал „SVT“, во Ескилстуна досега се доделени 8 лиценци.