Rabia İclal Turan
24 Септември 2022•Ажурирај: 27 Септември 2022
ЛОНДОН (АА) - Оваа година во Шведска се убиени рекордни 48 луѓе, објавија вчера шведските медиуми, известува Агенција Анадолија (АА).
Најновата престрелка се случи во четвртокот вечер во Кристијанстад, кога е убиен маж, соопшти полицијата.
„За жал, не можеме да кажеме повеќе од тоа дека станува збор за маж на 20-годишна возраст и дека во моментов нема осомничени“, рече Микаел Линд, службеник на должност во стокхолмскиот регион Југ, објави дневникот „Смоландспостен“.
Тоа значи дека Шведска веќе поставила нов рекорд во бројката на престрелки со фатален исход и се очекува дека таа бројка ќе биде многу поголема пред крајот на годината.
Линд наведе дека дошло до раст на престрелките, но не даде точна бројка за колкаво зголемување станува збор.
„Но во нашиот регион (Стокхолм) е дефинитивно зголемена“, рече Линд.
Се верува дека поголемиот број од престрелките се случиле во регионот на Стокхолм, што во голема мерка влијае врз ресурсите на полицијата.
Врз основа на податоците на полициската статистика, најголем број престрелки претходно имало во 2020 година, кога се убиени вкупно 47 лица, а една година подоцна, бројот на жртви од престрелките изнесуваше 45 лица.
Во последните години ескалираа престрелките меѓу бандите, а власта се бори да го намали насилството кое наликува на војна.
Според извештајот што минатата година го објави Националниот совет за превенција од криминал, Шведска е на врвот на европската ранг-листа, кога се во прашање престрелките со фатален исход.