Yusuf Özcan
10 Април 2022•Ажурирај: 11 Април 2022
ПАРИЗ (АА) - Во Франција започна гласањето за претседателските избори на кои учествуваат 12 кандидати, меѓу кои и актуелниот претседател Емануел Макрон, известува Агенција Анадолија (АА).
Франција со популација од околу 67 милиони жители има 48,7 милиони гласачи. Гласањето започна во 8:00 часот по локално време, а ќе заврши во 19:00 часот. Во големите градови ќе може да се гласа до 20 часот.
Со одлука на Владата, гласачите кои се позитивни на Ковид-19 ќе имаат право да гласаат, под услов да користат маска при доаѓањето во избирачките центри.
Организациите за спроведување истражувања ќе можат да почнат да ги даваат проценките од резултатите на изборите по затворањето на гласачките места. Уставниот суд ќе ги објави официјалните резултати на 13 април.
Меѓу кандидатите на овие избори се издвојуваат актуелниот претседател Емануел Макрон, кандидатката на централнодесничарската Републиканска партија (ЛР) Валери Пекрес, претставничката на екстремната десница Марин ле Пен, екстремниот десничар Ерик Земур, познат по своите расистички ставови, и лидерот на ултралевичарското движење „Непокорна Франција“, Жан-Лук Меланшон.
Според анкетите, се чини дека во првиот круг од изборите Макрон и Ле Пен се во предност.
Доколку ниту еден од кандидатите не освои 50 отсто од гласовите во првиот круг од изборите, во тој случај двајцата кандидати со најмногу гласови ќе влезат во вториот круг, што ќе се одржи на 24 април. Кандидатот кој ќе победи на изборите ќе ја преземе претседателската функција до 13 мај.