Islam Uddin
31 Октомври 2024•Ажурирај: 01 Ноември 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку 27 лица се повредени, а некои странски туристи се водат за исчезнати откако силен тајфун го погоди Тајван денес, јавува Анадолу.
Како последица на силните ветришта и дождот што ги донесе тајфунот Конг-реј повредени се многу луѓе на островот, а двајца туристи од Чешка се водат како исчезнати, објави „Фокус Тајван“.
Центарот за итни случаи соопшти дека 27 посетители на фармата Вулинг во Таичунг биле предупредени да не ја напуштаат фармата бидејќи спуштањето по планината може да биде опасно.
Локалните власти ги евакуираа жителите на безбедни места во окрузите Нов Тајпеј, Таинан и Каосиунг, како и во окрузите Хсинчу, Нанту, Пингтунг, Јилан, Хуалиен и Таитунг.
Досега 8.600 луѓе се евакуирани во засолништа за итни случаи.
Конг-реј, исто така, ги принуди властите да откажат 527 домашни и меѓународни летови.
Претходно властите најавија затворање на работните места и училиштата низ островот поради невремето што се приближува.
Властите, исто така, побараа од луѓето да останат дома и наредија банките и финансиските пазари да останат затворени поради обилните дождови и невремето.
Сепак, основните услуги, вклучително полицијата, пожарникарите, комуналните услуги и болничките служби за итни случаи, останаа отворени.
Во вторникот Управата на крајбрежната стража на Тајван соопшти дека спасила 17 члена на екипажот од товарен брод регистриран во Кина.
На Филипини, метеоролошката агенција го намали предупредувањето за невреме во Батанес, најсеверна провинција во земјата, на број 4 бидејќи се очекуваше да ослабне во следните 12 часа.