Eşref Musa
02 Септември 2018•Ажурирај: 03 Септември 2018
ИДЛИБ (АА) - Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека во текот на август, во Сирија, со мачење се усмртени најмалку 198 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Невладината организација СНХР денес објави извештај за тортурата и мачењата на цивили во Сирија изведени минатиот месец, во кој се наведува дека за најголем број од смртните случаи е одговорен режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Најмалку 194 лица починаа како последица на тортура и измачување, извршени од силите на Асадовиот режим во текот на минатиот месец во различни делови на Сирија.
Припадниците на терористичките организации ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, со мачење усмртиле по едно заробено лице, а не се познати одговорните за смртта на уште две лица, кои исто така, починале од мачење.
Во извештајот уште се наведува дека најголем број од измачуваните лица, 104, починале во притвор во режимските затвори во покраината Ал Хасека.
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) неодамна објави извештај во кој се наведува дека Асадовиот режим признал дека 836 лица починале во притвор во последните неколку месеци, и дека за тоа се известени нивните семејства.
Според податоците на сириската опозиција, во затворите на Асадовиот режим се наоѓаат најмалку половина милион лица.