Ekipa
03 Септември 2018•Ажурирај: 04 Септември 2018
ЧОЛПОН-АТА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес истакна дека зависноста на меѓународната трговија од американскиот долар треба да се намали бидејќи тоа стана пречка за Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган присуствуваше на 6. Самит на Советот за соработка на земјите од туркиското говорно подрачје во Културниот центар „Рук Ордо“ во Киргистан, каде што истакна: „Предлагаме тргување со нашите сопствени валути, а не со американски долари“.
Турскиот претседател истакна и дека настаните докажале дека Турција и нејзините пријатели не треба да ја одлагаат борбата против терористичката организација ФЕТО.
ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во САД, стојат зад неуспешниот обид за државен удар од 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 беа повредени.
Терористичката организација ФЕТО стои зад долготрајната кампања за соборување на власта преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
Ердоган додаде дека оваа терористичка организација се организираше преку образовни институции ширум светот, како и во Турција.
Домаќин на Самитот во Културнот центар „Рук Ордо“ е киргистанскиот претседател Соронбај Женбеков. Зајакнувањето на соработката меѓу земјите од туркиското говорно подрачје е главната тема на Самитот, кој започна денес, што ќе биде можност за низа билатерални разговори на маргините на централниот настан.

Турција, Азербејџан, Казахстан и Узбекистан на Самитот се претставени од своите претседатели, додека Унгарија, која на Самитот е како држава-набљудувач, е претставена од премиерот Виктор Орбан.
Советот за соработка на државите од туркиското говорно подрачје е основан со Договорот од Нахчиван во 2009 година, а во својата работа се потпира на заедничката историја, јазик, идентитет и култура на земјите што го сочинуваат. Советот служи како важна регионална платформа за унапредување на соработката и солидарноста меѓу членките.