Mahmoud Barakat
02 Септември 2018•Ажурирај: 03 Септември 2018
БАГДАД (АА) - Ирачката Влада денес го повтори ставот дека нема да дозволи ирачката територија да се користи за напади врз други држави, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сите институции во Ирак се обврзани и посветени на членот 7 од Уставот, кој го забранува користењето на ирачката територија како база или премин за какви било операции кои ја таргетираат безбедноста на која било друга земја“, соопшти портпаролот на ирачкото Министерство за надворешни работи, Ахмед Mахџуб.
Претходно медиумите пренесоа дека Иран ја обезбедил шиитската милиција во Ирак со балистички проектили.
Според наводите на медиумите, ирачките шиитски групи ќе имаат за цел други држави во случај на какви било напади врз Иран, без да се наведе одредена држава.
Наводите доаѓаат во период на растечки тензии меѓу Иран и Соединетите Американски Држави (САД), откако Вашингтон во мај се повлече од Договорот за нуклеарната програма, склучен во 2015 година.
Вашингтон повторно наметна санкции кон Иран, кои главно се насочени кон банкарскиот сектор на земјата.
„Ирак не е обврзан да одговара на наводите на медиумите кои немаат цврст доказ за тврдењата и обвинувањата“, истакна Махџуб.
Иран и САД се главните сојузници на ирачката Влада.