Hasan Öymez
29 Март 2017•Ажурирај: 30 Март 2017
ЏАРАБУЛУС/АЛ БАБ/АЗАЗ/МАРИ (АА) - Турската војска во соработка со силите на Умерената сириска опозиција успешно ја спроведува офанзивата „Штитот на Еуфрат“ и ги ослободува северните сириски градови од терористите на ДЕАШ, но воениот успех треба да биде придружен со долгорочна поддршка на економски, политички и културни проекти, бидејќи во случај на нивно отсутво, придобивките на военото поле би можеле да бидат изгубени на среднорочен и долгорочен план, јавува Anadolu Agency (AA).
Со цел да се неутрализираат терористичките елементи во северниот пограничен појас на Сирија, во согласност со меѓународното право за самоодбрана, Турските вооружени сили (ТСК) веќе седум месеци ја спроведуваат офанзивата „Штитот на Еуфрат“, во која од терористите на ДЕАШ е ослободено сириското подрачје во кое се наоѓаат и градовите Азаз, Мари, Џарабулус и Ал Баб.
Турската војска од почетокот на акцијата бележи големи успеси и им задава тешки удари на терористите на ДЕАШ, кои користат непропорционални и нехумани воени тактики коишто се рефлектираат во свирепите злосторства од најбрутална природа.
Во ослободениот Азаз, во тек е процесот за нормализација на животот и враќање на населението, иако соседниот град Африн е контролиран од терористичката група ЈПГ, сирискиот огранок на ПКК. Чаршијата во Азаз е заживеана, но уште многу треба да се преземе во смисла на изградба на власта.
Слободната сириска армија, со поддршка на турските сили воспостави полициски единици кои се грижат за безбедноста во градот, но тоа не е доволно. Проблемите со кои се соочуваат жителите, или би можеле да се соочат, можат да се решат само со воспоставување правен систем кој не прави разлика меѓу луѓето.
Ризикот од појавата на нови оружени судири во Азаз е присутен поради фактот што на југ, градот се граничи со Африн, кој е под контрола на терористите на ПЈД /ЈПД. Паралелно со ова, постои и закана од можни притаени ќелии на ДЕАШ кои останале во градот.
- Отворање универзитет во жариштето на претходните разорувања во Мари -
Мари е уште еден сириски град разурнат во војната, а најголемиот проблем во тој град се несоодветните шаторски населби, во кои борба за преживување водат десетици илјади цивили побегнати од подрачјата под контрола на ДЕАШ, вклучувајќи ги и оние од ирачкиот град Мосул. Единствената поддршка за тие луѓе е помошта што им ја доставува Турската полумесечина и хуманитарната фондација за Човекови права и слободи (ИХХ).
Жителите се обидуваат да ја задржат надежта за подобро утре во камповите кои зиме се претвораат во калливо мочуриште, а лете се правлива пустина.
Во комплексот што среде урнатините на градот го подигна организацијата ИХХ дејствува Меѓународниот универзитет во Дамаск, во кој се образуваат младите сириски луѓе кои ќе изградат нова Сирија. Моментално работат четири, а во план е да се отворат уште три факултети.
Изградбата на оваа установа на науката во средината на военото жариште е важно за иднината на Сирија и бара дополнителна поддршка од сите институции. Прекинот на програмата за едукација е еден од најголемите проблеми што го предизвика шестгодишната војна во Сирија. Младите луѓе кои растат далеку од училиштата, во иднина би можеле да бидат општествен и безбедносен проблем од голем размер, па тоа прашање бара поголемо ангажирање на пошироката заедница.
- Бегалските кампови најголем проблем во Џарабулус -
Исто така, ослободениот Џарабулус стана симбол на победата над тероризмот. Повратниците во градот успеаја со оскудните капацитети донекаде да ги нормализираат условите за живот, но тоа предизвика да дојдат и голем бран бегалци од другите сириски градови.
Најголемиот проблем во Џарабулус е згрижувањето на големиот број бегалци кои во моментот престојуваат во импрозивирани, непогодни кампови и шатори.
Неколкуте кампови што ги подигна хуманитарната организација ИХХ нудат донекаде прифатливи услови за живот за бегалците, но поголемиот дел од камповите се подигнати набрзина, кога долги колони бегалци пристигнаа во градот и самостојно почнаа да ги подигаат шаторите.
Турските сили воено го спречија планот на терористите на ПКК во северниот дел на Сирија да воспостават коридор што ќе го контролираат, но воениот успех треба да биде придружен со долгорочна поддршка во економска, инфраструктурна, а пред сѐ во образовна смисла.
Во воено ослободените градови има очајна потреба да се воспостави авторитет и правен поредок во кој сите граѓани би се чувствувале безбедно, а тоа е голема задача за невладиниот сектор во тој регион.
- Вревата од градежните машини ги замени звуците на оружјето во Ал Баб -
Најтешката задача што турските сили успешно ја завршија беше ослободувањето на Ал Баб од терористите на ДЕАШ. Начинот на кој турските сили и сириската умерена опозиција го совладаа отпорот на терористите и го ослободија градот, ќе биде добра тема за идните филмови за хероите од воените приказни.
Ослободителните сили и понатаму се грижат за безбедноста на повратниците во градот, а во тек е отстранувањето на урнатините и чистењето на трагите од свирепите злосторства што терористите ги сторија врз локалното население во текот на изминатите три години контрола во градот.
Ослободувањето на градот и обезбедувањето основни услови на живот ќе овозможат да се вратат десетици илјади цивили кои претходно побегнаа во Турција или во другите сириски градови.
-Минските полиња, закана на секој чекор во ослободените региони -
Уште еден проблем што бара долгорочни проекти е неутрализирањето на мините и експлозивните направи што терористите на ДЕАШ ги поставија во градовите пред да ги напуштат.
Турските деминери ги обучија деминерските екипи на сириската опозиција и моментално работат заедно на чистењето на ослободените населби. Со оглед на тоа што станува збор за проблем чие решение бара долгорочна работа, во многу населби, полиња и маслинови градини сѐ уште е невозможно да се влезе.
Особена опасност од мините демнее на патиштата што ги поврзуваат населбите и селата во ослободените региони, па локалното население се движи исклучиво само по постоечките траги од гуми и стапала.
- За Сирија е неопходна опсежна и долгорочна политика -
Уште една димензија на сириската криза е потребата за среднорочна и долгорочна политика за решавањето на прашањата на Сиријците кои побегнале во Турција.
Сириската криза ќе се реши порано или подоцна, но решението на кризата во Сирија ќе биде проследено со враќање на милиони сириски бегалци од Турција, а тоа пак ќе има потреба од повеќедецениски макропланови за нормализација на нивните животи и за реинтеграција во заедницата.
Со анализа на статистиката, лесно е да се воочи дека претходно во светот, по толку големи миграции, максимално 60 отсто од бегалците се враќале во своите земји, па тоа е и показател дека мора да се води опсежна политика кон бегалците во Турција.