Ahmet Furkan Mercan
19 Август 2019•Ажурирај: 20 Август 2019
АНКАРА (АА) - Околу 132 милиони луѓе од 42 земји низ светот имаат потреба од меѓународна хуманитарна помош и заштита, а се проценува дека на околу 94 милиони од нив оваа година ќе може да им биде доставена помош, пренесува Anadolu Agency (AA).
По повод 19 Август - Светскиот ден на хуманитарната помош, повторно на дневен ред дојдоа луѓето и земјите кои имаат потреба од хуманитарна помош.
Според извештајот „Глобална хуманитарна проценка 2019“ на Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарната помош (ОЦХА), и покрај тоа што се зголемија стапките на развој на земјите, на едно од 70 лица му е потребна хуманитарна помош поради воен конфликт, природни катастрофи, небезбедна храна, сексуална злоупотреба, трговија со луѓе и присилно раселување.
По Јемен, кој има најсериозна хуманитарна криза, следуваат Сирија, Демократска Република Конго, Етиопија, Нигерија и Јужен Судан, кои се наоѓаат во граѓански војни и каде што често се случуваат природни катастрофи.
Во извештајот се предупредува дека оваа година може да се зголемат потребите од хуманитарна помош.
Во 2018 година реализирани се 56 отсто од потребите за хуманитарна помош.
Според извештајот за минатата година, вкупната вредност на хуманитарната помош што била потребна во Сирија, каде што граѓанската војна продолжува уште од 2011 година, изнесувала 3,36 милијарди американски долари. Од вкупната потребна сума реализирана е хуманитарна помош од 2 милијарди долари.
Во Јемен минатата година, за хуманитарна помош била потребна сумата од 2,96 милијарди американски долари, а реализирана е помош од 2,29 милијарди американски долари.
Во Судан, каде што владее политичка криза, за хуманитарна помош потребни се 1,01 милијарди американски долари, а покриени се 603 милиони долари.
Покрај тоа, во Јужен Судан потребни се 1,72 милијарди долари, а обезбедена е помош во износ од 1,03 милијарди долари, во Сомалија од потребните 1,54 милијарди долари обезбедени се 796 милиони долари, во Нигерија од потребните 1,05 милијарди долари покриени се 677 милиони долари.
Во Демократската Република Конго, каде што владее епидемија, минатата година биле потребни 1,68 милијарди долари хуманитарна помош, а покриени биле 733 милиони долари. За Етиопија биле потребни 1,18 милијарди долари, а покриени се 635 милиони долари.
Минатата година, износот на потребната хуманитарна помош достигна вкупно 24,88 милијарди американски долари, а биле обезбедени само околу 56 проценти.
- Проекции за 2019 година -
Во извештајот се вклучени и проценки за висината на потребната хуманитарна помош и стапките на покриеност за оваа година.
Според тоа, околу 132 милиони луѓе од 42 земји низ светот имаат потреба од меѓународна хуманитарна помош и заштита, а се проценува дека на околу 93 милиони од нив оваа година ќе може да им биде доставена помош.
- Турција е земја која дала најмногу хуманитарна помош -
Според податоците на „Глобалниот извештај за хуманитарна помош 2018“, Турција во 2017 година со хуманитарна помош од 8,07 милијарди долари се искачи на првото место меѓу земјите во светот кои пружаат најголема хуманитарна помош.
По Турција, на второто место се наоѓаат САД, со хуманитарна помош од вредност 6,68 милијарди долари, потоа следува Германија со 2,99 милијарди долари, а на четвртото место се институциите на Европската Унија со 2,24 милијарди долари.