Fuat Kabakçı,Tevfik Durul
23 Јануари 2017•Ажурирај: 24 Јануари 2017
ПЕКИНГ (АА) - Празникот на пролетта, како најважен и најсвечен празник во Кина, го симболизира почетокот на Новата година според кинескиот лунарен календар. Истовремено, тоа е единствена можност за собирање на семејствата, така што во овој период се случуваат големи миграции и огромен сообраќаен метеж, јавува Anadolu Agency (AA).
Празникот трае седум дена и датира од периодот на династијата Шанг и е традиција стара повеќе од 4.000 години. Сепак, прославите и фестивалите траат дури и 40 дена. За кинескиот народ, со овогодишниот празник завршува годината на мајмунот и започнува годината на петелот.
Главната карактеристика на Празникот на пролетта во Кина е семејното собирање. Стотици милиони Кинези од големите градови на овој празник ги посетуваат своите семејства во предградијата.
Празничната миграцијата започна на 13 јануари и ќе трае до 21 февруари, кога сите Кинези треба да бидат во кругот на семејството за дочек на празникот. Формално, кинеската Нова година настапува на 28 февруари и како празник на пролетта се слави седум дена.
Оваа година се очекува дека за време на празничните денови во Кина ќе се реализираат 3,28 милијарди патувања, што е за 2,3 отсто повеќе од минатата година.
Железницата е најчестиот избор на Кинезите за празничните патувања, а тоа е посебна радост за околу 300 милиони Кинези кои работат во големите градови, далеку од своите семејства.
Од друга страна, со оглед на тоа што работничката популација оди на периферијата, а градското население празникот го користи за одмор и патување, во големите кинески метрополи за време на празникот на пролетта владее мир и тишина.
Чанг Ронг, еден од Кинезите што патуваат со воз од Тиенцин, за АА рече дека се радува на новата средба со семејството по осумчасовното патување со брз воз.
„Сите ние заедно ја пречекуваме Новата година со традиционални јадења и дружење со најблиските. Ова се најубавите денови во годината што сите со нетрпение ги чекаме“, вели Чанг.
И Ма Рао истакна дека е воодушевен од празничниот дух и дека со нетрпение ја очекува средбата и дружењето со семејството и со пријателите.