09 Декември 2016•Ажурирај: 09 Декември 2016
ХАНОЈ (АА) - Бројот на загинати во најновиот бран на поплави во Виетнам се покачи на 24 лица, соопштија властите, јавува Anadolu Agency (AA).
Националниот одбор за истрага и спасување досега пријави десет загинати во провинцијата Бинх Динх, седум во Куанд Нам, шест во Куанг Нгаи и едно лице во Гиа Лаи од почетокот на поплавите на 29 ноември. Две лица се водат за исчезнати.
И додека во поголем дел од поплавените подрачја водата почна да се повлекува, властите го предупредуваат населението од можно лизгање на земјиштето, наведуваат виетнамските медиуми.
Изминатите три дена во централниот регион на Виетнам паднаа околу 500 милиметри дожд, објави Националниот одбор за истрага и спасување.
Централен Виетнам од октомври е погоден од три сериозни поплави, кои оставија последици во поголемиот дел од провинциите во регионот. Според владините податоци, загинале вкупно 75 луѓе.