Ekipa
26 Август 2020•Ажурирај: 26 Август 2020
КАБУЛ (АА) - Во поплавите предизвикани од поројните врнежи кои ја зафатија авганистанската покраина Парван загинаа најмалку 45 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Абдул Халил, директорот на регионалната општа болница во главниот град на покраината, Чарикар, за АА изјави дека најмалку 45 тела и над 80 повредени лица се донесени од различни делови на покраината.
Бројот на починати најверојатно ќе расте, бидејќи се верува дека многу луѓе се заробени под остатоците од паднатите куќи во пооддалечените делови на покраината. Повеќето од жртвите се жени и деца.
Според локалната администрација, полициските сили и волонтери се вклучени во спасувачките и операциите за помош на погодените подрачја во покраината, на помалку од 100 километри северно од главниот град на земјата Кабул.
Во соопштението на Претседателството се истакнува дека на државното Министерство за управување со катастрофи и хуманитарни работи му е наложено да обезбеди итна помош за погодените од поплавите.