Ikrame Imane Kouachi
16 Декември 2023•Ажурирај: 17 Декември 2023
ГАЗА (АА) - Десетици Палестинци се убиени, вклучувајќи жени и деца, а голем број се ранети во израелското бомбардирање на станбено подрачје, подрачје на бегалски камп и училиште под раководство на ОН ширум Појасот Газа, пренесува Анадолу.
Израелски воени авиони бомбардираа две куќи кои им припаѓаа на семејствата Ал Наџар и Хадар во северниот Појас Газа, убивајќи најмалку 14 Палестинци и ранувајќи многу повеќе, објави официјалната палестинска новинска агенција ВАФА.
Во вториот напад израелската војска погоди зграда во бегалскиот камп во Џабалија, убивајќи десетици Палестинци, вклучувајќи деца и жени, информираше ВАФА, додавајќи дека десетици луѓе се повредени, а многумина се заробени под урнатините.
Израелската војска бомбардираше и училиште раководено од Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) во Деир ал-Балах, во централниот дел на Појасот Газа, каде Палестинците најдоа засолниште, што резултираше со многу жртви.
Израелските воени авиони бомбардираа и куќа во подрачјето на Ал Брахма во Рафа, а израелската војска продолжи со гранатирање на квартовите Ал Шуџа, Ал Туфа и Ал Дараџ во градот Газа.
Израелски снајперист уби палестинско момче во неговиот дом во регионот Тел ез Затар во северниот дел на Појасот Газа.
Израелската војска изведе и напади на источните делови на градот Хан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
Во меѓувреме, болницата „Камал Адван“ се соочува со голем недостиг на вода и храна по осумдневната опсада од страна на израелската војска, објави палестинската новинска агенција.
Израелската војска веќе го уништи јужниот дел на болницата. Најмалку 12 бебиња и понатака се наоѓаат во болнички инкубатори без адекватна здравствена заштита, се вели во соопштението.
Претходно израелските сили извршија рација во повеќето болници во Појасот Газа, малтретирајќи го медицинскиот персонал, раселените луѓе, пациентите и ранетите лица, приведувајќи 34 медицински лица.
- Израелски напади на Појасот Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 07:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември (петок), по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени над 18.800 Палестинци, а ранети се повеќе од 51.000 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Меѓу убиените најмалку 8.000 се деца, а 6.200 се жени.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.