Diyar Güldoğan,Fatjon Prronı
26 Септември 2016•Ажурирај: 27 Септември 2016
АЛЕПО (АА) - Најмалку 85 цивили загинаа и 178 беа повредени во вчерашните напади на сирискиот режим и руските воздушни сили врз населените области во Алепо, изјави официјален претставник на цивилната одбрана за Anadolu Agency (АА).
Наџиб Ансари изјави дека хеликоптерите и воените авиони на режимот заедно со руските воени авиони ги погодиле населбите Ал-Каласа, Бустан ал-Баша, Ард ал-Хамра, Тарик ал-Баб, Месир, Зинбдие, Салихија и Ансар во Алепо, кои во моментот се под опсада на режимот на претседателот Башар ал-Асад.
Голем број жени и деца загинаа во нападите. Нападите се случиле во населени области контролирани од страна на опозициските сили, со 15 фосфорни и 18 вакуум-бомби, изјави Ансари.
„Вкупно 244 цивили ги загубија животите, а 651 лице беа повредени во нападите на руските и режимските сили врз Алепо во изминатите три дена“, изјави Ансари додавајќи дека десетици населени области биле уништени.
„Инфраструктурата на градот е уништена“, вели тој.
Во саботата, 92 цивила загинаа, а 273 беа повредени во нападите од страна на режимот и руските авиони во градот.
Вчерашните напади се случија откако меѓународната заедница строго ги осуди неодамнешните напади врз цивилите во Алепо.
Откако режимот на Асад на 19 септември прогласи крај на прекинот на огнот, загинаа вкупно 444 лица, а 1.585 беа повредени.
Во саботата ЕУ ги осуди неодамнешните напади како „неприфатливо кршење на меѓународното хуманитарно право“, додека вчера, Турција ги осуди воздушните напади врз населените области од страна на сирискиот режим и неговите поддржувачи велејќи: „Преку овие напади, сирискиот режим немилосрдно го убива својот народ и хуманитарните објекти како што се болниците, пумпните станици и центрите за итни случаи“.
Исто така, во саботата, министрите за надворешни работи на Франција, Италија, Германија, Велика Британија и на САД, како и високи претставници на ЕУ издадоа заеднички извештај префрлајќи го товарот на Русија да го обнови прекинот на огнот.
„Катастрофалните настани во Сирија оваа недела го нагласуваат она што ние го зборуваме веќе извесно време: товарот е на Русија да докаже дека е подготвена и во состојба да преземе вонредни чекори за да ги спаси дипломатските напори за обнова на прекинот на непријателствата, да овозможи непречена хуманитарна помош и да ги создаде потребните услови за продолжување на преговорите предводени од ОН за политичка транзиција“, се вели во заедничката изјава.
„Грозоморниот напад врз хуманитарниот конвој, јавнoто откажување на прекинот на непријателствата од страна на сирискиот режим, постојаните извештаи дека режимот користи хемиско оружје и неприфатливиот тек на офанзивата на режимот во источниот дел на Алепо, поддржана од Русија, очигледно е во спротивност со тврдењето на Русија дека го поддржува дипломатско решение“, се вели во извештајот.
„Ние ја потврдуваме нашата посветеност кон уништувањето на ДАЕШ во Сирија и во Ирак, и ја повикуваме Русија да ги спроведе своите залагања за фокусирање на оваа група. Ние, исто така, го потврдуваме нашето заедничко мислење дека Фронтот Нусра, огранок на Ал Каеда во Сирија, е терористичка организација и непријател на меѓународната заедница“, се додава во извештајот.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост на продемократските протести.