Sayed Khodaiberdi Sadat
17 Септември 2020•Ажурирај: 20 Септември 2020
КАБУЛ
Најмалку 20 припадници на авганистанските безбедносни сили се убиени во три истовремени бомбашки и оружени напади кои милитантите на талибанското движење ги извршија на полициските и воените станици на источниот дел на таа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Нападите се случија во три подрачја на авганистанската покраина Нангархар, а портпаролот на Кабинетот на тој регион, Атаула Хогјани, соопшти дека во тие напади се ранети уште најмалку 15 припадници на авганистански сили.
Тој исто така изјави дека во размената на оган се убиени и 29 талибански милитанти, а дека уште 20 се ранети.
Нападот се случи во екот на мировните преговори кои делегациите на талибанските бунтовници и авганистанската Влада ги започнаа во саботата во катарска Доха.
Главна цел на преговорите на двете страни е ставање крај на речиси дведецениски долги оружени судири во таа земја.
Авганистан е средиште на длабока повеќедецениска политичка и безбедносна криза, која се рефлектира во борбата за превласт меѓу талибанското движење и владините сили. Постојана закана за безбедноста претставува и терористичката организација ДЕАШ, која по поразите во Ирак и Сирија значително ги интензивира своите активности на авганистанско тло.
Историскиот Договор за воспоставување на мир во Авганистан на 29 февруари во Доха го потпишаа американскиот пратеник Залмај Кализад и еден од основачите на талибанското движење, Мулах Абдул Гани Барадар. Договорот предвидува почеток на мировниот процес во Авганистан со кој би требало да се стави крај на 19-годишниот конфликт и најдолга војна во која учествуваа САД.