Gamze Türkoğlu Oğuz
11 Февруари 2020•Ажурирај: 12 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Трудница носител на новиот тип коронавирус (2019-nCoV) роди здраво девојче во покраината Шенси во северозападниот дел на Кина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави информативната агенција „Синхуа“, 33-годишната жена во 37. недела од бременоста вчера се породила во Универзитетската болница „Џиаотонг“ во градот Шијан.
По направените први тестови, кај новороденото девојче тешко 2 килограми и 730 грама не е откриен новиот тип коронавирус. Се дознава дека новороденчето се наоѓа во карантин и се очекува во наредните неколку дена повторно да помине низ тест за коронавирус.
Се истакнува дека мајката и бебето се во добра здравствена состојба.
Бројот на починати од новиот тип коронавирус во Кина се искачи на 1.017 лица. Бројот на заразени со овој вирус во Кина изнесува 43.097 случаи, од кои 7.333 се во тешка состојба.
Новиот тип коронавирус за првпат е забележан на 12 декември во кинескиот град Вухан. Комисијата за здравство на Вухан на 31 декември го затвори пазарот за морски производи „Хуанан“ под образложение дека кај 27 лица, што биле во контакт со тоа место, е забележана „мистериозна болест“.
Светската здравствена организација (WHO) ја прогласи појавата на коронавирусот за меѓународна здравствена опасност.