Aliia Raimbekova
01 Август 2019•Ажурирај: 02 Август 2019
НУРСУЛТАН
Во Нурсултан, главниот град на Казахстан, започна 13. состанок на земјите гаранти за Сирија со двојна техничка средба меѓу Русија и Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставниците на Русија и Иран, во рамките на техничките средби се сретнаа во хотелот „Риц Карлтон“ во 6:30 часот по средноевропско време (СЕТ).
Делегацијата од Турција се очекува средбите да ги започне околу 10:00 по СЕТ.
Тема на техничките средби е состојбата во Сирија, првенствено постоечката состојба во Идлиб и во североисточните делови од земјата.
Руската делегација ја предводи Александар Лаврентиев, специјалниот претставник на претседателот на Русија, Владимир Путин, за Сирија, а водач на иранската делегација е Али Асгар Хаџи, министерот за надворешни работи на Иран. Претседател на турската делегација е Седат Онал, заменик-министер за надворешни работи.
Министерството за надворешни работи на Казахстан објави дека поради здравствени причини на состанокот нема да учествува Геир Педерсен, специјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) за Сирија. Во соопштението се наведува дека ОН ќе ги претставува неговиот заменик.
Главниот состанок на кој ќе учествуваат претставници на режимот на Асад и на вооружената опозиција ќе се одржи утре. Состанокот како набљудувачи ќе го следат претставници на Јордан, Високиот комесаријат за бегалци на ОН и на меѓународниот Црвен крст.
За првпат на состанокот во форматот од Астана ќе учествуваат Либан и Ирак, кои на 12. состанок на земјите гаранти за Сирија добија статус на набљудувач.
На состаноците ќе бидат разгледани состојбите во зоната за деескалација на судирите во Идлиб и во североисточниот дел од Сирија, мерките за градење доверба меѓу спротивставените страни, враќањето на бегалците назад, хуманитарната состојба и реконструкцијата по војната.
Состаноците меѓу Турција, Русија и Иран во форматот од Астана се одржуваат од јануари 2017 година.