Ekipa
01 Август 2019•Ажурирај: 02 Август 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) го ставија на листата санкционирани лица иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, за делувањето во име на врховниот лидер, ајатолахот Али Хаменеи, кого претседателот Доналд Трамп го стави на црната листа во јуни, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој потег претставува исклучително редок случај на санкционирање на висок дипломат, прв потег на Трамп по налогот за ставање на црната листа на Хаменеи.
Висок претставник на администрацијата, кој ги брифираше новинарите под услов да остане анонимен, рече дека додека САД „историски поставија голем приоритет на зачувување простор за дипломатија, има граници на нашата трпеливост кога еден режим така рутински не почитува дипломатски протоколи“.
Друг официјален претставник истакна дека Стејт департментот „ќе ги проценува специфичните околности поврзани со ова санкционирање поединечно“, вклучувајќи ги и обврските на САД во обезбедувањето странските претставници да имаат пристап до седиштето на ОН во Њујорк.
Секретарот за финансии, Стивен Мнучин, прв, истиот ден кон крајот на јуни објави дека Зариф ќе биде санкциониран таа недела, но рокот дојде и помина без преземање на чекорот сѐ до вчера.
„Џавад Зариф ја спроведува непромислената агенда на врховниот лидер на Иран и е главен портпарол на режимот низ светот“, истакна Мнучин, објавувајќи ја црната листа. „Соединетите Држави испраќаат јасна порака до иранскиот режим дека неговото неодамнешно однесување е целосно неприфатливо.“
Министерството за финансии соопшти дека „дополнителни информации“ укажуваат на тоа дека иранското Министерство за надворешни работи, под координација на Зариф, со надворешниот оперативен огранок на Иранската револуционерна гарда прави напори да влијае на изборите и да го олесни ослободувањето на двајца офицери на гардата што се држат во странство преку мито.
Секој имот што го поседува Зариф под американска јурисдикција е замрзнат, а на лица од САД им е забрането деловно да соработуваат со високиот дипломат.
Зариф бргу одговори на американското соопштение на Твитер, отфрлајќи каква било загриженост во врска со потегот, велејќи дека „нема никаков ефект врз мене или моето семејство, бидејќи немам имот или интереси надвор од Иран“.
„Дали вистината е навистина толку болна?“, праша тој реторички. „Благодарам што ме сметате за толку голема закана за вашата агенда.“
- „САД се плашат од преговарачките вештини на Зариф“ -
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Абас Мусави, ги обвини САД дека се „неконзистентни“ во врска со Зариф.
„Врвот на глупоста и недоследноста на американските лидери е во точка кога тие не го гледаат Зариф како авторитет во иранската политика, туку со крајна игнорантност го санкционираат“, напиша Мусави на Твитер.
Мусави исто така додава дека САД имаат „голем страв од мудроста на Зариф и неговите преговарачки вештини“.