Barış Seçkin
01 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
РИМ (АА) - Припадниците на безбедносните сили во Италија приведоа четири лица поради сомнеж дека се вмешани во меѓународно криумчарење на оружје, јавува Anadolu Agency (AA).
Италијанските медиуми јавуваат дека обвинителството започнало истрага во борбата против мафијата во Неапол и дека во вторникот организирале полициски акции во Венеција, Рим, Л’Аквила, Неапол и во Салерно, во кои се приведени тројца државјани на Италија и еден државјанин на Либија.
Постои можност дека овие лица илегално продавале оружје на Иран и Либија, кои од 2011 до 2015 година беа под меѓународни санкции. Наводно, споменатите лица имале улога во доставување на хеликоптери, проектили и муниција.
Меѓу приведените е двојка од Неапол, Марио и Анамарија ди Лева, во чија куќа за време на претресот е пронајдена фотографија со поранешниот претседател на Иран, Махмуд Ахмединеџад.
Се истакнува дека на еден од неколкуте запленети компјутери се пронајдени докази за поврзаност на осомничените со терористичките организации што дејствуваат во северниот дел на Африка.