Fatih Erel
01 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
ЖЕНЕВА (АА) – Известувачите на Обединетите нации (ОН) за човекови права соопштија дека со донесената забрана за влез во САД за жителите од 7 држави, во кои поголемиот дел од населението се муслимани, претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп ги прекршува меѓународните човекови права, јавува Anadolu Agency (AA).
Специјалниот известувач на Обединетите нации (ОН) за човекови права на мигрантите, Франсуа Крипу, специјалниот известувач на ОН за борба против расизам, Мутума Рутире, специјалниот известувач на ОН за човекови права и борба против тероризам, Бен Емерсон, специјалниот известувач на ОН за борба против тортура, Нилс Мелзер и специјалниот известувач на ОН за слобода на вероисповед, Ахмед Шахид, во заедничката изјава реагираат против одлуката на претседателот на САД, Трамп, за забрана за влез во државата на жителите на Ирак, Иран, Сирија, Судан, Либија, Сомалија и на Јемен.
„Декретот што на 27 јануари го потпиша претседателот на САД, Доналд Трамп, ги прекршува обврските на земјата кон меѓународните човекови права, според кои не треба да се врши дискриминација и депортација според верата, расата и националната припадност“, се вели во изјавата. „Со забраната на САД за патување, Вашингтон ги прекршува обврските за човекови права“, предупредија експертите на ОН за човекови права.
„Овој декрет јасно прави дискриминација и го оцрнува исламското општество“, се вели во соопштението.
„Одлуката на САД за мигрантите ги доведе во ќорсокак оние што имаат потреба од меѓународна заштита среде најголемата мигрантска криза којашто се случува по Втората светска војна“, истакнуваат известувачите.
САД треба да ги почитуваат меѓународните обврски и да ги заштитиат луѓето кои бегаат од војна и од конфликт. САД, исто така, се вклучени во конфликти, како што се оние во Ирак и во Сирија, и нивната одговорност мора да се прошири кон отворање на своите врати за луѓето што бегаат од судирите во овие земји“.
Со потпишувањето на декретот на 27 јануари, претседателот на САД, Трамп го запре доаѓањето на сириските бегалци во САД, и им забрани влез од 90 дена на државјаните на Ирак, Иран, Сирија, Судан, Либија, Сомалија и од Јемен во државата. Во соопштението на ОН се вели дека декретот на Трамп значително го ограничува влезот на мигрантите во државата и дека во првата недела по применувањето на овој декрет, 800 мигранти не ќе можат да патуваат во САД. Во периодот од 120 дена, колку ќе се применува овој декрет, ќе се спречи влезот на 20.000 мигранти во државата.
Меј: Забраната на Трамп е „разделувачка и погрешна“
Британската премиерка Тереза Меј денес изјави дека забраната на Доналд Трамп за бегалците е „разделувачка и погрешна“, четири дена откако таа инсистираше дека тоа е прашање за Владата на САД.
Забраната на Трамп за влез во САД на граѓаните од седум муслимански земји во период од 90 дена и за бегалците во период од 120 дена, предизвика протести во Велика Британија, но исто така и повици да се оневозможи посетата на Трамп во Лондон, која е планирата за крајот на овој месец. За време на престојот во официјална посета на Турција, во саботата, Меј на прашањето за забраната на Трамп за бегалците изјави: „САД се одговорни за нивната политиката за бегалците“.
Но, денес британската премиерка пред пратениците во Долниот дом рече: „Оваа влада е јасна во процената дека таквата политика е погрешна. Нема да направиме такво нешто. Веруваме дека е разделувачка и погрешна“.