Mazin Majeed Asaad Baqal,Haydar Karaalp
08 Октомври 2019•Ажурирај: 08 Октомври 2019
БАГДАД (AA) - Во Ирак повторно е овозможен пристап до интернетот кој беше запрен од 2 октомври поради антивладините протести во престолнината Багдад и во уште некои градови на југот на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Исто така е овозможен и пристапот до социјалните мрежи како што се Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Ватсап.
Најмалку 110 лица загинаа, а повеќе од 6.100 се повредени во антивладините протести во Ирак од 1 октомври, соопшти Министерството за внатрешни работи на Ирак.
Во Багдад во вторник почнаа демонстрациите против актуелната влада на чие чело се наоѓа премиерот Адил Абдул-Махди.
Демонстрациите следуваа по повикот на активистите кои тврдат дека владата не успеала да го подобри животниот стандард на граѓаните и да ги спроведе потребните реформи.
Поради протестите, во неколку ирачки градови во четврток е прогласен полициски час. Очевидците наведуваат дека полицијата пука на оние кои не се придржуваат до оваа забрана.
Владата вчера започна преговори со демонстрантите кои бараат оставка од премиерот Абдул-Мехди, подобрување на животниот стандард и запирање на корупцијата во Ирак.
Во последните години во Ирак, расте незадоволството поради се поголемата невработеност и корупцијата. Многумина во земјата имаат ограничен пристап до основните услуги и потреби како што се електрична енергија и чиста вода.