Ikrame Imane Kouachi
22 Октомври 2023•Ажурирај: 23 Октомври 2023
ГАЗА (АА) - Повеќе од 50 Палестинци се убиени, а десетици се ранети денес, во израелските напади на Газа кои продолжуваат 16. ден по ред, соопштија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
„Повеќе од 50 Палестинци се убиени, меѓу кои има и деца и жени, а десетици се ранети денес во нападите на окупатирските воени авиони врз различни подрачја на Појасот Газа“, објави палестинската новинска агенција ВАФА (WAFA).
Повикувајќи се на медицински извори, новинската агенција изнесе детали за воздушните напади, наведувајќи дека 4 Палестинци, од кои две жени и дете, се убиени во израелскиот напад на домот на семејството Ал Астал во центарот на градот Кан Јунис, додека неколку лица се повредени.
Неколку Палестинци се убиени и во бомбардирањето на подрачјето Тал Ал Затар, во градот Бејт Лахија, во северниот дел на Појасот Газа.
Израелски авиони ја бомбардирале и населбата во близина болницата Шифа, во центарот на Газа, каде загинаа повеќе Палестинци.
Палестинци се убиени и во бомбардирањето на две куќи во Рафах, а бомбардирани се и куќи во Кирбат Ал Адас, каде загинаа двајца Палестинци, а неколкумина се ранети.
Авиони на израелската војска бомбардираа и куќа во кампот Магхази и изведоа напади на Кан Јунис, каде исто така има загинати.
Борбите започнаа на 7. октомври, кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа. Оваа операција доби димензии на неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви, но и болници.